Град Скопје официјално ќе ја започне новогодишната програма вечерва со свечена церемонија за осветлување на елката на Плоштад Македонија. Церемонијата ќе започне точно во 18 часот, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Новогодишната програма ќе трае до 31 декември, а за време на овие 16 дена, секоја вечер со почеток во 18 часот ќе се одржуваат музички настапи, диџеј сетови и други уметнички изведби.

„Со оваа церемонија започнуваме новогодишната приказна, која по неколку години стагнација, ја правиме свечена и динамична, по примерот на најразвиените европски метрополи“, изјави Ѓорѓиевски, додавајќи дека на овој начин Скопје ја поставува основата за нова празнична традиција.

Новогодишната елка не е единственото што ќе го освежи Скопје оваа зима. Програмата ќе вклучува и дневни активности за најмладите – секој викенд од 12 до 14 часот ќе има анимации, креативни работилници и празнични изненадувања.

„Ова е почеток на нешто ново, магично и возбудливо. Првпат во историјата, Скопје ќе го дочека новото 2026 година со вистинска зимска бајка“, додаде градоначалникот.

Централната програма започнува на 27 декември, кога на Плоштад Македонија ќе дојде Дедо Мраз со подароци и изненадувања за сите присутни. За младите таленти, Скопје ќе им даде посебна можност да настапат со свои музички изведби, при што во програмата ќе бидат вклучени ученици од сите средни училишта во градот.

Како дел од празничната атмосфера, за дочекот на новата година, Ѓорѓиевски најави настапи на македонски музички ѕвезди, вклучувајќи ги Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огњан Здравковски, Куку Леле, Лара, Пајак, Два Бона и Тина Перовска.

Зимската бајка на Скопје се организира со финансиска поддршка од Државната лотарија на Македонија. Градоначалникот повика сите сограѓани, семејства и посетители да се приклучат во празничната магија, која ќе го преобрази Скопје во светска метропола исполнета со светлина, радост и позитивна енергија.