Град Скопје распиша јавен повик за новогодишно украсување на градот, со проценета вредност од околу 3,8 милиони денари без ДДВ, односно приближно 4,5 милиони денари или околу 73.000 евра со пресметан данок.
Според условите од повикот, празничните декорации треба да бидат поставени најдоцна до 15 декември, а да бидат отстранети во периодот од 15 до 25 јануари 2027 година. Заинтересираните компании можат да поднесуваат понуди до 5 ноември, кога е предвидено и нивното отворање.
Меѓу поголемите светлосни елементи се предвидени и елен висок околу четири метри, светлосна фигура во форма на подарок висока повеќе од шест метри, два портали и тридимензионална санка со подароци, во која граѓаните ќе можат да влезат и да се фотографираат.
Планирани се и два тридимензионални балони со висина од по 3,5 метри, фигура на Дедо Мраз, околу сто светлосни букети, новогодишен венец за фотографирање, како и дополнителни светилки на канделабрите и светлосни „мразулци“.
За разлика од минатата година, во актуелниот повик не се наведени точните локации на кои ќе биде поставена декорацијата. Тие треба дополнително да бидат утврдени преку налогот за работа што ќе го добие избраната фирма.
Минатата година новогодишното украсување на Скопје го реализираше „Линк медиа плус“, со договор во вредност од 3.620.000 денари без ДДВ, односно 4.271.600 денари со ДДВ.
Годинашниот планиран износ е нешто повисок, а по изборот на фирмата ќе стане појасно и кои делови од градот ќе бидат опфатени со празничната декорација.
