Скопје меѓу најзагадените градови во светот
Во последните 24 часа главниот град на Македонија се најде меѓу најзагадените градови во светот, додека на европско ниво пред него е само Сараево. Откако вчера беше во топ 5 најзагадени градови глобално, денеска, на 17 декември во 12.30 часот, според податоците на IqAir, Скопје се наоѓа на 15. место во светот.
Нездрав воздух и ризик по здравјето
Индексот на квалитет на воздухот во Скопје достигна вредност од 158, што го сместува во категоријата „нездрав воздух“. Ова ниво на загадување претставува сериозен ризик за здравјето, особено за чувствителните категории граѓани, меѓу кои децата, повозрасните лица и лицата со хронични респираторни и кардиоваскуларни заболувања.
Загадување и во други градови низ државата
Министерството за животна средина денеска промовираше нов интернет-портал преку кој може да се следи квалитетот на воздухот во повеќе градови во државата. Податоците покажуваат дека покрај Скопје, загаден воздух денеска е регистриран и во Битола, Куманово, Охрид и Велес. Загадувањето на воздухот во Скопје и во Македонија е појава што се повторува секоја зима, а и покрај уверувањата од институциите дека се преземаат мерки, состојбата на терен, според податоците, станува сè полоша.
