Да не е смешно ќе беше тажно. Без соодветен протокол за обезбедување, со светилки набавени од Бит Пазар, без спроведување на постапка за јавна набавка и без транспарентна информација за тоа кој го украсува градот, Скопје деновиве почнува да добива предновогодишна атмосфера. И оваа година постапката во која градот добива новогодишен лик е проследена со многу аномалии, сомнежи и недоречености, објави СкопјеИнфо.
Кој го плаќа новогодишното украсување, кој ги набавува новогодишните декорации и колку чини целата постапка – засега нема информација.
Според реакциите и коментарите на граѓаните, Скопје се наоѓа во предновогодишна тага, а задачата да го развеселат градот ја имаат градските јавните претпријатија, која добиле наредба од Арсовска, „како знаат и умеат“ да го украсат градот. Така, деновиве сите сме сведоци дека со возила на „Паркови и Зеленило“ и „Градски паркинг“ се поставува новогодишни декорации по улиците.
Официјална информација за новогодишното украсување нема. Познавачите велат дека Арсовска мора да објави официјална информација за тоа кој и за колку пари го украсува Скопје, а доколку станува збор за донација, истата треба да биде примена на транспарентен начин, со одлука на градскиот совет.
Градот Скопје пред неколку дена соопшти дека оваа година Скопје ќе биде украсен, но за драстично пониска сума од она што, како што велат, досега секоја година се трошело на украсување на градот преку сомнителни набавки.
„Некој треба да одговори како трошел по фирмички за китење годишно помеѓу 90.000 и 245.000 евра за украсување, пари на граѓаните кои завршувале во приватни џебови, а сега градот се кити за 30.000 евра. Минатата година, во време на најголемата глобална економска и енергетска криза, градот беше накитен без дополнителни трошоци, а средствата предвидени за китење, но и трошоците кои порано се правеле за ручеци и пиење по кафани, беа наменети за ранливите категории на граѓани“, се вели во соопштението на Град Скопје.
Украсувањето е започнато, дополнуваат од Градот, а како и секоја година, главниот град ќе блесне со новогодишна магија на 15-ти декември.