Протестниот марш заради кризата со јавниот превоз денеска го блокираше булеварот „Илинден“, а демонстрантите го насочија својот гнев кон градоначалничката Данела Арсовска. Со извици „Оставка“ и „Скопје бара превоз“, собраните граѓани, предводени од градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, упатија јасни пораки за незадоволството од состојбата во главниот град.


Дудуш: „Неодговорноста ги лиши граѓаните од основно право“

Градоначалникот на Шуто Оризари остро ја критикуваше актуелната власт, нагласувајќи дека кризата со јавниот превоз најтешко ги погодува најранливите категории.

ВО 2022 година, 2.000 жители на Шуто Оризари пешки пристигнаа пред вашите врати, организирајќи сличен мирен протест, поставувајќи прашање: ‘До кога ќе дозволувате граѓаните на Шуто Оризари да бидат приморани да користат несоодветни и недостојни автобуси? До кога јавниот превоз ќе биде нерегуларен и со непотполни линии?’ Овие прашања остануваат неодговорени, и тоа на помалку од една година пред истекот на вашиот мандат.

Вчера изјавивте дека е „неумесно“ граѓаните на Скопје да останат без јавен превоз за еден ден поради недостиг на нафта. Како го дефинирате терминот „неумесно“ кога станува збор за жителите на Шуто Оризари, кои веќе 730 дена се без пристап до соодветен јавен превоз? Јас сметам дека зборот кој најсоодветно го опишува ова е „расистички“. Да, расистички, дискриминаторски, нехумано и неодговорно е да се остават 40.000 граѓани цели две години без функционален јавен превоз.“

Тој изрази гнев и за фактот што во неговата општина над 90% од линиите ги опслужуваат приватни превозници. „Не треба да има знак ‘Забрането за Шуто Оризари’ на автобусите на ЈСП – вашето делување веќе ја носи таа порака,“ додаде тој.


Граѓаните: „Како да преживееме без превоз?“

Присутните граѓани, вооружени со транспаренти и мегафони, го изразија своето незадоволство од целокупната состојба.

„Објаснете им на сите семејства како да преживеат без јавен превоз! Дали градските власти разбираат колку е тешко да се потрошат 500 денари дневно на такси, кога живееш од минимална плата?“ изјави една од демонстрантките преку мегафон.

Толпата носеше транспаренти со пораки како:

  • „Не сме само бројка на избори“
  • „Ветуваа редовни линии, добивме редовни лаги!“
  • „Зошто автобусите ги нема во Шуто Оризари?“

Средношколците: „Јавниот превоз не е привилегија – тоа е право!“

На протестот се приклучи и Сојузот на средношколци, кои го потсетија градот дека според одлуката на Уставниот суд од декември 2023 година, јавниот превоз требаше да биде бесплатен за учениците.

„Секојдневно гледаме празни клупи поради тоа што учениците немаат превоз до училиштата. Ова не е наша вина и не може да бидеме казнети со отсуства,“ изјави претседателот на Сојузот, Берин Мухамед.


Студентите: „Потребни се одржливи решенија“

Студентите од УСС на УКИМ апелираа за воведување на одржливи транспортни политики.

„Време е да ги оставиме партиските интереси и да се фокусираме на вистински реформи. Градот мора да преземе конкретни чекори – нови автобуси, градска железница и развој на велосипедска инфраструктура се само почеток,“ изјави претседателот на УСС, Александар Николовски.


Протестите ќе продолжат

Курто Дудуш предупреди дека доколку градот не преземе конкретни мерки, протестите ќе се одржуваат секоја недела. „Граѓаните заслужуваат транспарентни и одговорни институции кои ги ставаат нивните потреби на прво место,“ истакна тој.