Министерот за локална самоуправа за јавниот превоз и состојбата во градот
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во интервју за ТВ Алсат изрази чест што неговото име се споменува како потенцијален иден градоначалник на Скопје, но нагласи дека неговата сегашна енергија е насочена кон министерската функција.
„Чест ми е што фигурира моето име. Почестен сум, иако моите обврски се поврзани со функцијата за која сум платен. Никој нема право да го монополизира изборот. Јас лично сум заинтересиран, но за тоа ќе одлучат партијата и граѓаните,“ истакна Перински.
Состојбата во јавниот превоз е „крах“, не криза
Перински се осврна и на влошената состојба во јавниот превоз во Скопје, оценувајќи ја како системски колапс.
„Состојбата во јавниот превоз не е криза, туку крах. Ова е проблем кој трае со години. Градоначалничката и раководството треба да се освестат и да почнат да преземаат конкретни мерки. Ова не е само проблем на ЈСП, туку на целиот систем,“ изјави министерот.
Тој предупреди дека зимските месеци ќе донесат дополнителни предизвици, како што е недостатокот на средства во ЈП „Улици и патишта“. „Ова претпријатие нема средства ниту за плати, а камоли за зимско одржување,“ нагласи Перински.
Критики за Арсовска: „Ги жртвува граѓаните“
Министерот Перински остро ја критикуваше градоначалничката Данела Арсовска, обвинувајќи ја за несоодветно управување со градот и избегнување на одговорност.
„Арсовска сака да се прикаже како жртва, но ги жртвува граѓаните. Одбива да комуницира со Советот, администрацијата, па дури и со медиумите. Над 24 месеци не се појавила на седници, што ја отежнува кооперативноста,“ истакна тој.
Итна потреба од долгорочна стратегија за Скопје
Перински нагласи дека Скопје има потреба од „инфузија и терапија“ – итни мерки за краткорочно стабилизирање и долгорочна стратегија за развој.
„Владината интервентна мерка за јавниот превоз е само привремено решение. Скопје очајно се бори за живот. Ни треба јасна визија и долгорочен план,“ заврши министерот.