Поради зголемена и неконтролирана потрошувачка, Скопје се соочува со намален притисок и прекини во водоснабдувањето
ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информира дека повторно е забележана зголемена потрошувачка на вода, со просечно дневно ниво од околу 350.000 кубни метри.
Поради оваа енормна и неконтролирана потрошувачка, градскиот водоводен систем работи со намален притисок. Во некои делови од Скопје се појавуваат повремени прекини во водоснабдувањето.
– Имајќи го предвид фактот дека Град Скопје се снабдува со вода за пиење од природен извор со ограничена количина од непроценлива вредност. Aпелираме до сите граѓани на Град Скопје за рационална и совесна употреба на водата за пиење. Избегнување непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени и сл, се вели во соопштението на претпријатието.
Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје побараа вклучување и на општините.
– Апелираме до општините, согласно надлежностите, преку службите со кои располагаат, како и преку месните заедници на територија на општините, да се ангажираат во подигање на свеста кај жителите за рационално користење на водата за пиење, се наведува во соопштението.
Исто така, се повикуваат граѓаните да пријавуваат неправилности.
– Апелираме до граѓаните на Град Скопје, доколку забележат див приклучок, истиот да го пријават на 02 3073 010, kontakt@vodovod-skopje.com.mk или www.vodovod-skopje.com.mk. Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснабдувањето до сите корисници во Град Скопје, се додава во соопштението.