Градот ќе биде украсен и ќе се организира голем пречек

Скопје оваа година ќе добие новогодишна прослава достојна на една метропола, најави вечерва градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, истакнувајќи дека иако првично не биле предвидени средства за празнично украсување, тоа ќе се смени со ребалансот на буџетот што ќе се усвои во петок.

„Во програмата не беа предвидени средства за предновогодишно украсување, но со ребалансот на буџетот во петок ќе предвидиме средства за китење на главниот град и ќе биде организирана новогодишна прослава каква што треба за граѓаните и пречек на Новата година. Со тоа конечно Скопје ќе биде украсено како што треба и како што заслужуваат нашите граѓани“, изјави Ѓорѓиевски во гостување на МРТВ.

Отстранети 500 лица што земале плата без да одат на работа

Во врска со повикот од јавниот обвинител Љупчо Коцевски да пријави евентуални злоупотреби во Град Скопје, градоначалникот рече дека веќе имале средба со Финансиската полиција, но не може да открие повеќе детали поради истрагата.

„Стојам зад сите факти што ги изнесов во јавноста. Околу 500 лица се отстранети од списоците на вработени во јавните градски претпријатија кои земале плата, а не оделе на работа, односно го прекршиле Законот за работни односи и дисциплината во претпријатијата. Тоа не се лица кои ќе бидат заменети со нови, затоа што нивната единствена функција била злоупотреба на институциите“, рече Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека очекува да има и командна одговорност – не само за лицата кои биле незаконски исплатувани, туку и за оние што потпишувале и одобрувале такви исплати, вклучувајќи ги и директорите на јавните претпријатија.