Акција на „Пластичарска“ и Зимзоленд за враќање на ред и достоинство

Градот Скопје денеска спроведе широка акција за враќање на редот и достоинството на јавниот простор. Акцијата се реализираше во координација со Инспекторатот, ДПИ и МВР. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна:

„Како што најавив, така и постапуваме. Нема отстапки, нема компромиси со хаосот.“

Во рамки на акцијата беа изречени повеќе од 20 казни, а вработени од ЈП „Градски паркинг“ ги отстрануваа неправилно паркираните возила долж улицата „Пластичарска“.

Контрола на Зимзоленд и јавниот ред

По пријави од граѓани, градот постапи и на локацијата на Зимзоленд. Инспекторатот утврди дека градот нема издадено дозвола за вршење дејност таму, а констатирани се повеќе неправилности, особено врз основа на вршење дејност надвор од објект.

Градоначалникот додаде:

„Дополнително, за реквизитите и забавните содржини кои не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е градежниот инспектор од општината да постапи согласно законските регулативи.“

Бескомпромисен став за јавниот простор

Ѓорѓиевски потенцира дека Скопје мора да биде град во кој владеат правила, а не самоволието. Тој нагласи:

„Градот Скопје и јас како градоначалник ќе продолжиме бескомпромисно да се бориме против секоја неправилност, секој обид за узурпација и секој хаос кој го загрозува јавниот простор.“

Тој истакна дека редот е обврска и дека граѓаните заслужуваат достоинствено, безбедно и уредено место за живеење.