По укажувањата на членовите на Надзорниот и Управниот Одбор на ЈП Водовод и канализација- Скопје- содржани во Одлуката и мислењето на УО и НО од 30.06.2023 година, со кои се бара пренамена на средства со цел решавање на статусот на стручно-техничкиот кадар во претпријатието, ЈП Водовод и Канализација- Скопје распиша оглас за вработување на персонал кој е неопходен за нормално функционирање на услугите кои ги дава претпријатието.

Во продолжение пренесуваме соопштение од страна на членовите на Управниот и надзорниот Одбор на ЈП Водовод и канализација- Скопје

Проблемот со функционалноста на претпријатието настана во септември 2022 година по отпуштањето на 90-тина вработени од страна на тогашниот директор. УО и НО тогаш укажуваа дека ваквиот потег на менаџерите ќе предизвика намалување на капацитетите за давање на основните услуги кон граѓаните, со оглед на тоа што најголемиот дел од отпуштените беа технички персонал.

Соочени со предизвиците кои ескалираа во последните месеци, раководството на чело со директорот Драган Илиевски, после една година ги прифатија укажувањата на УО и НО и распишаа два јавни огласи, бр2/2023 и бр3/2023 од 5.12.2023 за засновање на работен однос на определено време во ЈП Водовод и канализација за повеќе работни места,меѓу кои имаше и Советник на Директорот,како и Советник и Соработник во Секторот за Меѓународна Соработка итн.

Инаетењето и нерационалноста на менаџерскиот тим цела една година освен што му штетеше на капацитетот на ЈП, беше и удар врз судбините на вработените кои беа отпуштени иако редовно ја извршуваа својата работа и самото претпријатие имаше потреба од нив.

УО и НО заедно со Техничкиот Совет на Водовод ќе продолжат да се борат за исполнување на барањата да се вработи соодветен технички персонал во ЈП, за на тој начин да се заштитат интересите на претпријатието, вработените, но и граѓаните на Градот Скопје.