За проектот за брз автобуски превоз во Скопје е распишана тендерска постапка за предквалификација во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. По повеќегодишни најави и подготовки, ова е нова фаза во постапката за БРТ.

Според Ѓорѓиевски, заинтересираните компании од Македонија и регионот имаат рок до 2 ноември да аплицираат. Тој ги повика да се пријават за да се обезбеди поголема конкуренција.

„Конечно, една од трите важни работи за скопјани поврзани со градскиот транспорт доаѓа до својот фотофиниш, а тоа е БРТ-то“, рече Ѓорѓиевски.

Градоначалникот посочи дека во изминатиот период биле надминувани повеќе пречки и предизвици поврзани со проектот. Притоа ја истакна соработката со ЕБОР и тимот на Град Скопје, како и поддршката од Владата.