Али Ахмети доби нов мандат како претседател на Демократската унија за интеграција на денешниот петти партиски конгрес. За генерален секретар е избран Арбер Адеми, а Фатон Ахмети е нов потпретседател на партијата.
Меѓу останатите потпретседатели кои добија поддршка се Бујар Османи, Еркан Арифи, Арбана Пашоли и Арта Билали-Зендели.
Во своето обраќање пред делегатите, Ахмети најави иницирање нов „Национален договор за напредок“, како и целосен ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во изминатите 34 години. Според него, тоа е неопходно за враќање на довербата во институциите.
Ахмети предлага воведување „извршен Бадентер“ при избор на Влада – секој нов состав да биде избран не само со општо мнозинство, туку и со мнозинство од пратениците кои ги претставуваат немнозинските заедници. Дополнително, се залага за примена на Бадентеровиот принцип и во Уставниот суд, како и за нова фаза на функционална и фискална децентрализација.
– Унитарната држава може да биде стабилна само ако се темели врз доверба и лојалност од сите заедници. Затоа ги предлагаме овие три клучни мерки кои ќе придонесат за правична застапеност, еднаквост и општествена кохезија, рече Ахмети.
ДУИ, како што беше истакнато, ја поддржува идејата за темелна истрага за потеклото на имотот, приватизацијата и активностите на безбедносните служби од 1945 година до денес, нагласувајќи дека правдата не смее да биде селективна.
