Училиштата во Македонија во кои се одвива изборниот процес, на 23 април и на 7 мај, ќе имаат скратени часови. Наставата ќе се реализира од 7 до 11 часот, сооошти Министерството за образование и наука (МОН).

Министерството за образование и наука информира дека 23 април и 7 мај, односно деновите пред гласањето ќе бидат работни за сите училишта. При тоа, во училиштата во кои ќе се одвива изборниот процес, наставата ќе се реализира од 7 до 11 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија, односно класови. Во останатите училишта каде не се спроведува гласање, наставата се реализира вообичаено и согласно предвидениот дневен распоред, се вели во соопштението на МОН.

На денот на изборите 24 април и 8 мај Владата ги прогласи за неработни.

Првпат годинава, учениците ќе имаат пролетен распуст од 29 април (понеделник) до 6 мај (недела). Велигден е на 5 мај, а секогаш денот после Велигден е неработен, значи 6 мај е неработен. На 8 мај се парламентарните избори, а тоа значи, дека учениците само што ќе тргнат на училиште на 7 мај, пак ќе одморат еден ден.

Од МОН велат дека наставата во учебната 2023/2024 година ќе се реализира целосно како што предвидуваат плановите за организација на работата на основните и средните училишта.

Иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал, велат од МОН.

Учебната година за средните училишта завршува на 10 јуни, додека за учениците од основните училишта до 17 јуни.