Јавен обвинител до судија на претходна постапка предложи мерка притвор за 67-годишен жител на селото Петровец, откако е поведена постапка за нанесување тешка телесна повреда во услови на семејно насилство.
Според Јавното обвинителство, на 28 октомври, по кратка вербална расправија во семејниот дом, осомничениот со умисла физички ја нападнал сопругата: ја удирал со раце и нозе по целото тело и главата, ја гушел и се обидувал со каиш да ѝ ги врзе нозете. Жената на моменти губела свест, но успеала да се ослободи и преку прозорецот избегала кај соседите за да побара помош.
Од нападот се здобила со тешки повреди – скршеници на три ребра и хематоми. Обвинителството ја образложи потребата од притвор со опасноста од бегство и веројатноста за повторување на насилството, извршено и во присуство на ќерките и малолетната внука.
