Дека нема интерес за имунизација се гледа и во пунктовите низ државата. Во поликлиниката Ѓорче Петров во Скопје на прсти можеа да се избројат граѓаните кои чекаа ред.

Граѓаните велат дека е добро сите да се вакцинираат, за да се спречи ширењето на вирусот.

Ниската заинтересираност за вакцинација доведе до тоа некои неискористени дози од вакцината да бидат пред истекот на рокот. Околу 25 илјади дози на британскиот производител Астра Зенека ќе истечат за две недели. Сепак, од Министерството за здравство велат дека вакцини во земјава има доволно. Секоја недела добиваат околу 30.000 вакцини Фајзер.

-Во моментов имаме 252.680 дози вакцини од производителот Фајзер Био Нтех, кои имаат рок до јануари/февруари 2022 година. Околу 25.000 вакцини од Астра Зенека имаат рок до ноември, додека 5.000 вакцини од Синовак имаат рок на употреба до 2023 година.

Од понеделник стапија на сила мерките против невакцинираните. Сертификатот за имунизација со две дози е потребен и на граничните премини и при влез во кој било затворен објект. Но, според Државниот санитарен здравствен инспекторат, волјата за спроведување на оваа мерка е многу мала. Имунолозите постојано апелираат на заострување на мерките и зголемување на казните за да се стимулираат две третини од населението за вакцинација.

Во некои земји промовирањето на вакцинацијата против КОВИД се врши преку различни начини.Во Украина од декември државата ќе дава околу 32 евра за секој граѓанин што ќе се вакцинира.