На 14-ти ноември оваа година се одржа редовна седница на Совет на Град Скопје при што прва точка од дневниот ред беше изменување и дополнување на Буџет на Град Скопје за 2022 година (Ребаланс на буџетот). Седница за ребаланс на буџетот беше првично планирана за 21 октомври, но на барање на Кабинет на градоначалникот Данела Арсовска датумот беше неколку пати поместуван за седницата да се одржи на само еден ден пред истекот на законскиот рок за носење на ребаланс на буџет (15 ноември) од страна на Совет на Град Скопје. Ова е првиот индикатор за несериозноста во пристапот на градоначалникот со управувањето на финансиите на главниот град на Република Македонија, истакна Претседателот на Совет во Град Скопје, Трајко Славески.
-Во рокот за доставување амандмани беа поднесени 14 амандмани од страна на советниците. Во текот на амандманската расправа со мнозинство гласови беа усвоени повеќе амандмани. По завршување на амандманската расправа, а и во текот на дискусијата по одделни амандмани, од страна на претставник на Сектор за финансии при Град Скопје беше укажано дека некои од нив би можеле да ја нарушат рамнотежата на буџетот. За членовите на Совет на Град Скопје ова беше јасно и на предлагачот му беше укажано дека во ваков случај градоначалникот има две опции: прво, целосно да го повлече предлогот за изменување и дополнување на буџетот, или второ, да достави сопствени предлог-амандмани на текстот со кои ќе се воспостави рамнотежата со вклучените амандмани претходно усвоени од страна на советниците. По едночасовна пауза градоначалникот Арсовска го извести Советот дека тие немаат никаков предлог, по што членовите на Совет со мнозинство гласови ги донесоа измените и дополнувањата на Буџет на Град Скопје за 2022 година, истакнува тој.
Вели дека со ваквата постапка станува очигледно дека градоначалникот Арсовска немала интерес од носење на коректен ребаланс на буџетот на Град Скопје, за подоцна вината да ја префрли врз советниците, со кои воопшто не соработува при подготовката на значаен документ како што е ребаланс на буџетот.
-Уште повеќе, на само неколку недели пред рокот за доставување на буџет на Град Скопје за наредната, 2023 година, никој од членовите на Совет кои треба да дискутираат и да го донесат буџетот нема никаква информација и отсуствува било каква координација на релација Совет – градоначалник. По се изгледа дека Арсовска не само што не сакала да се донесе ребаланс на буџетот за тековнава година, туку веројатно се впуштила во авантура да ги оневозможи членовите на Совет на Град Скопје во законскиот рок да го донесат и буџетот за 2023 година. Членовите на Совет ова нема да го дозволат, порача Славески.