Од градоначалниците кои се од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се гледа дека имаат проблеми со централната власт на различни нивоа, бојкот, друг тип на проблеми, проблемот со идејата за општински обврзници недавањето дозвола од Министерството за финансии итн. Тука централната власт која е помоќна и треба на некој начин да биде слепа, да не прави разлика на политичката провиниенција на градоначалниците, рече професор Трајко Славески, претседавач со Советот на Град Скопје и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Професорот Славески говореше за емисијата Вин вин што се емитува на телевизија Телма на тема фискална децентрализација на општините.

Славески се осврна на пречките во функционирање кои ги имаат општините.

„Проблемот е прво, кадровски не можете со овие средства да бидете атрактивни за електроинженерите, програмерите, архитектите, добри правници, тие не може од општините или потешко е да се ангажираат и второто прашање е и политичко, до каде кој е балансот на распределба на надлежностите“, вели Славески.

Според Славески критериумот за баланс на распределба на средствата меѓу локално и централно ниво треба да биде, ако се делегираат надлежности треба да се обезбедат средства, или поради специфичноста треба да се водиме од земји кои се на сличен развој на Македонија.

„Не сакам да бидат адвокат ниту на централна, ниту на локалната власт, оттука ќе кажам парите ги нема од два аспекти затоа што ние имаме високи буџетски дефицити зборувам за централниот буџет, понатаму ги нема затоа што сме релативно сиромашна држава“, посочи Славески.