Новиот гувернер на Народна банка, Трајко Славески ги постави трите приоритети: ценовна стабилност, финансиска стабилност и поддршка на економските политики.
Трајко Славески избран за гувернер на Народната банка
Славески посочи дека ќе се фокусира на трите основни цели на централната банка – ниска и стабилна инфлација, финансиска стабилност, и поддршка на економските политики на Владата, во согласност со законските надлежности.
- „Централната банка не треба да се растегнува во теми како зелена енергија и слично. Тоа не ѝ е мандат. Треба да се држиме до јадрото – стабилност на цените, финансискиот систем и економската рамнотежа“, рече гувернерот.
Реалната вредност на денарот под притисок
Говорејќи за девизниот курс, Славески подвлече дека додека јавноста се фокусира на номиналниот фиксен курс на денарот кон еврото, тој како економист ја следи и реалната вредност на денарот, која според него значајно се зголемила поради инфлацијата.
- „Реалниот девизен курс на денарот е зајакнат за 5,4% во однос на сите трговски партнери, а во однос на еврото дури 9%. Тоа значи дека Македонија станува поскапа и помалку конкурентна, што негативно се одразува на извозот и туризмот“, објасни Славески.
Тој предупреди дека ваквиот тренд може да влијае врз економската динамика, особено ако инфлацијата кај нас остане повисока од онаа во еврозоната.
- „Имаме откажувања на туристички аранжмани со образложение дека Македонија станала скапа дестинација“, додаде тој.
Не се планира флексибилен курс
На прашањето дали се размислува за напуштање на фиксниот курс, Славески беше категоричен:
- „Во никој случај нема да се случи тоа. Ако денарот е преценет, разликите ќе се испеглаат со ниска инфлација во наредниот период.“
Именување со поделени мислења во Собранието
Собранието синоќа со 68 гласа „за“ и 16 „против“ го избра Славески за нов гувернер на Народна Банка. Пратениците од власта го нагласија неговото економско искуство и стручност, додека опозицијата ја доведе во прашање политичката независност на Народната банка под негово водство.