-На ниво на Град Скопје се делигирани и назначени учесниците во одборите се назначени од Советот, каде што мнозинството има одлучувачка улога. И тука сакам да спомнам дека еве јас размислувам и ќе побарам на правен основ вонредни извештаи во однос на овие неколку претпријатија каде што беа изнесени обвинувања за директорите, за оние кои што беа разрешени и оние кои што си поднесоа оставки. Значи ќе побарам вонредни извештаи од Управните одбори, затоа што функцијата управување преку членови на Управни и Надзорни одбори е во надлежност на Советот на Град Скопје, истакна Трајко Славески, претседател на Советот на Град Скопје во гостување во утринска емисија на Радио Лидер.
Претседателот на Советот на Град Скопје посочи дека ќе побара извештаи од Управните одбори за да се појасни на јавноста за работата на директорите на јавните претпријатија.
-Барем на јавноста да и објасниме како е можно кога сме добивале позитивни извештаи од јавните претпријатија мислам на „Градски паркинг“, „Водовод и канализација“ и „Дрисла“ одеднаш да не и чини работењето на градоначалничката. Во тие извештаи одборите укажуваат на заштеди, на проекти, подобрување на работата рационализација итн., а сега наеднаш да се каже дека директорите не ги задоволувале очекувањата на градоначалникот. Така што мислам дека ќе го искористиме ова мнозинство што го имаме во Управните одбори работите да бидат појасни за граѓаните, појасни тој.