Централната банка ќе спроведе дополнителни анализи

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, изјави дека сè уште е рано да се проценат економските последици од новововедените американски царини, кои за Македонија моментално изнесуваат 15 проценти. На денешната прес-конференција тој нагласи дека одлуката на САД е донесена „буквално пред некој ден“, поради што не постојат конкретни податоци за евентуално влијание врз македонската економија.

„Сè уште немаме ефект од воведувањето на царините, сепак, се чувствува значително задоцнување. Треба да направиме анализи, да видиме во која мера тоа би влијаело“, рече Славески, одговарајќи на новинарски прашања.

Македонија под ист режим како ЕУ – 15% царина

Одлуката на САД стапува во сила денес, а за македонските производи предвидува дополнителна царина од 15 проценти, исто како и за Европската Унија, со која САД потпишаа трговски договор на 27 јули. Истиот даночен режим ќе важи и за Хрватска и Словенија, додека производите од Србија ќе бидат обложени со 35 проценти, а оние од Босна и Херцеговина со 30 проценти. Албанија и Црна Гора ќе имаат најниска царинска стапка од 10 проценти.

Мицкоски и Николовски најавуваат можност за намалување

Премиерот Христијан Мицкоски изрази надеж дека царините ќе бидат намалени под сегашните 15 отсто. Како што рече минатата недела, преговорите со американската страна ќе продолжат во втората половина на август. Министерството за финансии предвидува можност царините да се сведат на 10 проценти, додека директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, најави дека до крајот на септември ќе биде познат конечниот процент.