Став на проф. д-р Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Се вели дека некои луѓе може да ги лажете цело време, сите луѓе можете да ги лажете одредено време, но не можете сите луѓе да ги лажете цело време. На владата на ДУИ поддржана од СДСМ и успеа во изминатите година-две да излаже некои луѓе за одредено време дека ги зголемува платите, но вистината излезе на виделина, според податоците од Државен завод за статистика за исплатената просечна нето-плата во Македонија.

Во периодот за кој ДУИ и СДСМ во хор се фалат со зголемување на платите, граѓаните се соочуваат со она што и статистиката го констатира. Куповната моќ на платите, т.е. вредноста на реалната плата во земјава континуирано се намалува, од што најмногу страдаат семејствата со пониски доходи. Најголем пораст на цените бележат производи со највисоко учество во семејните буџети на овие семејства, како што се храната и трошоците поврзани со домувањето.

СДСМ и ДУИ својата економска логика треба да ја приспособат на логиката на просечен земјоделец. На земјоделците не им е битно колку изнесува цената на еден трактор лубеници или зелка, туку колку вреќи ѓубриво или средства за заштита на растенијата можат да купат со тие пари. И колку пари им остануваат откако ќе ги подмират сите трошоци за да можат да ги прехранат своите семејства.