Интегрален текст од отвореното писмо на Славица Ангелова до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски
Почитуван министре, Ако можам да Ве наречам почитувам затоа што почит заслужуваат оние кои имаат резултат во работата, а Вие како менаџер на полициските станици во земјава место да се занимавате со расчистување на криминал, сузбивање на мито и корупција, зачувување на јавната безбедност, целиот Ваш мандат вашите кадри го поминаа во злоставување и прогон на политички неистомисленици. И не знам колку навистина сте запознати што се случува.
Ви се обраќам затоа што ова што низ годините ми се случува е психичко злосторство од невидени размери кои ми го прават вашите кадри во Кочани. Злоупотребувајќи ја својата положба и искористувајќи ги моќта и влијанието секојдневно без причина ме малтретираат и вознемируваат, а го вознемируваат и моето семејство.
Тоа што ми го прават вашите кадри во ПС Кочани е ѕверско изживување кое секојдневно ми нанесува душевна и физичка болка и дополнително ја влошува мојата лоша здравствена состојба.
Ви се обраќам да превземете нешто затоа што тие се ваша слика, ваше огледало. Јас секако ќе поднесам кривична пријава за злоупотреба на службената положба на одредени структури и ликови во ПС Кочани. Тоа што никогаш нема да ги поддржувам политиките на партијата од која доаѓате, не ви дава за право за некој да бидете мајка, за друг маќеа. Нели е ова демократско општество, а политичката определба е право на избор на поединецот. Вие треба да бидете министер за сите.
Со почит,
Славица Ангелова