Во текот на следната недела ќе биде објавен повик за финансиски консултант кој во име на Владата ќе преговара за изградба на автопатите на коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради американско-турскиот конзицориум „Бехтел и Енка“. Изградбата на автопатите реално би започнала напролет следната година, информираше денеска вицепремиерот Артан Груби.
Претходниот тендер за избор на Надзор и правен трансакциски советник за изградба на автопатите што ќе ги гради на Коридор 8 и Коридор 10-Д американско-турскиот конзорцум „Бехтел и Енка“ беше поништен откако избраниот понудувач во предвидениот рок не ја обезбеди банкарската гаранција за навремено и квалитено извршување на договорот.
Одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето на годишнината на АНБ Груби нагласи дека планот е до средината на октомври годинава да биде избран консултанот кој ќе преговара за овие два, според него, клучни автопати, а како што рече, повикот ќе се објави на најтранспарентен начин.
-Постапката беше започната на 28 декември минатата година, заврши на 23 март при што две компании аплицираа. Тоа беше ХИЛ американска компанија и ИГХ – Хрватска. Тендерот го доби хрватската компанија која што се утврди дека не може, нема можност да поднесе банкарска гаранција при што се пристапи кон поништување на целата постапка и нејзино повторување. Се надевам дека во текот на следната недела ќе го објавиме повикот којшто верувам дека ќе биде пократок во временски период и планот ни е некаде во средината на октомври веќе да го избереме новиот финансиски консултант којшто ќе преговара во името на Владата за изградба на овие два клучни автопати и на најтранспарентен начин ќе се објави повикот. Сите компании се добредојдени да учествуваат во процесот којшто ќе треба да биде воден од нив во име на Владата и на преговори за договорот за изградба, но и за надзор на изведбените работи, истакна Груби.
Според него, најдоцна до следната недела ЈПДП ќе го објави повикот за кој, како што рече, рокот е максимум 20 или 30 дена, бидејќи е повторена постапка, што значи би завршила некаде до крајот на или почетокот на следниот месец.
-Изборот, исто така претпоставувам, би траел недела или две, по што би започнале преговорите со „Бехтел и Енка“, а веќе повеќето од надзорните компании го имаат драфт договорот на којшто би се засновале преговорите и верувам дека некаде околу средината на ноември ако се оди според предвиденото би се потпишал договорот и би започнале процесите на изградба. Знаете дека изградбата не започнува веднаш затоа што се започнува со мобилизација, доаѓаат илјадници работници. Според законот, минимум 51 отсто од компаниите и вработените коишто ќе работат на овој проект мора да бидат домашни, а сигурно ќе бидат уште повеќе, така што тоа е поголем проект и се надеваме дека изградбата ќе започне напролет, појасни вицепремиерот Груби.
За изградба на новите автопати, Владата минатата година потпиша меморандум со „Бехтел и Енка”, а Собранието донесе Закон за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола).
Со законското решение се уредува проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридорот 8 и Коридор 10 д, како поединечни проекти за капитални инвестиции од стратешко национално значење за државата. Државната антикорупциска комисија оцени дека со овој закон се ограничува конкуренцијата и можноста од фер натпревар, бидејќи не се предвидува тендерска постапка. Откако Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот, Владата формираше тим за преговори со американско-турскиот конзорциум за изградба на автопатите.