Следната недела започнуваат уписи – ќе се одвиваат на сите 23 факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
Во вторник и среда, 19 и 20 август, следната недела започнуваат уписи за студенти. Тие се за прва година додипломски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје за академската 2025/2026 година.
Според Конкурсот на УКИМ, на 23-те факултети во негов состав се нудат вкупно 9719 слободни места. Од нив, 4683 се резервирани за редовни студенти финансирани од државната квота, 4081 место за редовни со кофинансирање, и 955 места за вонредни студенти.
Најмногу слободни места се на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ (1020), Природно-математичкиот факултет (910), Филозофскиот (880), Филолошкиот (810), Медицинскиот (760), Економскиот (700), Правниот факултет (610) и ФЕИТ (590).
Редовните студенти кои се финансирани од државниот буџет ќе плаќаат партиципација од 200 евра, додека студентите со кофинансирање и вонредните ќе плаќаат по 400 евра.
Конкурсот на УКИМ ги содржи сите услови, критериуми, рокови, потребни документи и начинот на аплицирање. Пред да се пријават, кандидатите треба да се регистрираат на www.upisi.ukim.mk и да ја пополнат електронската пријава преку iKnow системот.
Првиот рок за пријавување е на 19 и 20 август. Вториот рок ќе биде на 11 и 12 септември, а третиот рок, каде ќе се пополнуваат слободните места, е на 24 септември 2025 година.