Останува непознато какви НВО организации ќе финансира овој заеднички фонд и дали можеби преку истиот ќе се финансираат активности кои ќе имаат за цел да ја шират бугарската пропаганда која го негира постоењето на македонскиот јазик, македонската историја и македонскиот национален идентитет?
-Веќе поставивме стабилна основа во областа на евроинтеграциите, зелените политики и доброто владеење, сега е време само да ја надградуваме, рече вицепремиерот Маричиќ додавајќи дека соработката е клуч на добрососедските односи и напредокот на регионот.
Според Маричиќ размената на искуства и добри практики во овие три клучни области преку дискусијата на се чекор кон нови проекти и конкретни иницијативи за соработка, за понатамошно зближување на двете земји и општества.
-Средбите и новата комуникација која ја воспоставивме значи дека постои перспектива, дека имаме добри односи и дека имаме политичка желба и одговорност да гледаме во правец на развојот и нови можности, од кои двете земји и граѓаните од двете страни на граница може само да имаат корист, додаде Маричиќ на состанокот.
После отворањето на состанок, следуваше посебна сесија, на која вицепремиерот Маричиќ, заедно со Славица Грковска, заменичка на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, на темата: Партнерство со граѓанските организации, дискутираа со нивната бугарска колешка, заменик претседателка на Владата за добро владеење Калина Константинова, за следните чекори во активностите за системско вклучување на граѓанскиот сектор во сите работни групи и за проекти на кои граѓанските организации од двете држави можат заеднички да работат.
-Во таа насока отворени сме за идејата да имаме заеднички Фонд за финансиска поддршка на граѓанските организации, со точна идентификација на приоритетните области, распределбата на средствата и дефинирана процедура за селекција која треба да се заснова на отворен, инклузивен, конкурентен и транспарентен процес, рече Маричиќ.
После завршувањето на воведниот поздравен ден следуваат паралелни состаноци по теми на кои надлежните министери ќе дискутираат за заедничките можности и потреби од соработката во конкретните ресори, а беше потпишана и Декларација за заемна соработка помеѓу Министерството за електронско управување на Бугарија и Министерство за информатичко општество и администрација на Северна Македонија од страна на Божидар Божанов и Адмирим Алити.
Третата сесија на меѓувладината работна група за европска соработка – зелена транзиција и дигитална трансформација, владеење на право, македонските и бугарските владини претставници ја одржаа во Скопје, а следната нивна средба е планирана за почетокот на месец мај.