Поради трагичниот масакр во ОУ „Владислав Рибникар“ завчера во Србија, привремено ќе биде зголемено полициското присуство околу училиштата во Словенија, а полицијата е подготвена да соработува со училиштата во напорите за рано откривање на потенцијални насилни инциденти.

„Наша должност е да бидеме уште повнимателни во словенечките училишта за какво било однесување што може да укаже на проблеми меѓу учениците или студентите, а кое евентуално би можело да доведе до фатални дејствија“, соопшти денеска Министерството за образование.

Министерството соработува со сите надлежни институции кои работат на полето на рано откривање и спречување на насилството, внатре и надвор од училишната средина. Важно е на сите ученици, студенти, родители и вработени во образовните институции да им се обезбеди чувство на сигурност, што е предуслов за нормално функционирање на училишната средина, соопшти Министерството, изразувајќи сочувство до роднините на жртвите на двата трагични инциденти во Србија.