Австрија, Хрватска и Словенија сакаат Брисел да започне разговори со Босна и Херцеговина за нејзиниот прием во Европската унија во следните два месеци, изјави во средата словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон.

„Да, апсолутно. Имаме заедничка цел пристапните преговори меѓу ЕУ и Босна и Херцеговина да започнат до крајот на оваа година. Работиме напорно на тоа“, изјави таа за новинарите по годишниот редовен состанок на дунавските земји што се одржа во Брдо кај Крање, пренесува Хина.

Босна и Херцеговина доби статус на кандидат за членство во ЕУ во декември 2022 година, но преговорите се уште не се започнати.

„Австрија, Хрватска и Словенија се големи пријатели на проширувањето на ЕУ. Сметаме дека сега е политичкиот момент ЕУ да тргне кон ново проширување, за Европа да стане посилна и пообединета поради геополитичката ситуација“, рече Фајон.

„Сепак, тоа е двонасочна улица – и ЕУ и земјите кандидати мора да бидат подготвени“, додаде таа.

„Не сакаме две класи на земји кандидати“

Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг изјави дека неговата земја, Словенија и Хрватска се „добри пријатели на Босна и Херцеговина“, но дека „не се единствените“.

„Сакаме да започнат разговорите со Босна и Херцеговина“, истакна Шаленберг.

Некои, исто така, се залагаат за отворање на пристапните преговори за членство со Украина и Молдавија до крајот на годината, барајќи забрзана процедура за овие две земји.

Австрискиот министер смета дека сите земји кандидати мора да имаат еднаков статус.

„Нашиот став е јасен – не сакаме да имаме две класи на земји кандидати. Би било грешка некои да се сметаат за попривилегирани од другите“, вели Шалнберг, додека земјите од Западен Балкан со години се „во чекалната“.

Брисел им додели кандидатски статус на Украина, Молдавија и Босна и Херцеговина по руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.

„Очекуваме одлука за отворање на преговорите, што би можело да се случи до крајот на годината“, изјави министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ.

Тој во вторникот во Брдо кај Крање се сретна со министрите на Словенија, Австрија, Хрватска, Србија и Црна Гора, како и со пониски функционери на други дунавски земји.

Конаковиќ: Отворањето на преговорите е од политичка природа

Тие се собраа на годишен состанок како дел од „Стратегијата на ЕУ за дунавскиот регион“, политичка рамка во која 14 земји соработуваат во области како што се транспортот и заштитата на животната средина и која им служи на земјите кандидати за поблиска соработка со членките на ЕУ.

Конаковиќ за новинарите по средбата изјави дека „одлуката за отворање преговори со Босна и Херцеговина е од политичка природа“.

„Тоа би била силна политичка порака до европските сили во Босна и Херцеговина, а можеби и шлаканица за оние проруски и происточни луѓе кои не се задоволни од нашиот брз напредок“, рече тој.

Конаковиќ истакна дека е свесен оти неговата земја се соочува со „комплексен процес“, бидејќи освен добрата волја на некои министри за надворешни работи, потребно е да се убедат и други земји, како Германија и Холандија, со кои разговара.