Словенија ја зголеми минималната плата

Минималната бруто плата во Словенија за 2026 година е утврдена на 1.481 евро, откако одлуката ја потпиша министерот за труд и истата беше објавена во Службен весник на 30 јануари. Со оваа одлука се дефинира новиот законски минимум на примања за работниците во земјата.

Околу 1.000 евра нето за полно работно време

Според проценките на Министерство за труд на Словенија, вработените кои примаат минимална плата и работат со полно работно време ќе остваруваат месечни примања од околу 1.000 евра нето. Одлуката, како што се наведува, нема значење само за оние што земаат минимална плата, туку има влијание и врз поширок круг работници и корисници на различни социјални права.

Министерството појаснува дека законската рамка предвидува минималната плата да изнесува меѓу 20 и 40 проценти над минималните трошоци за живот. За 2026 година, овој опсег бил утврден меѓу 1.372,03 и 1.648,28 евра бруто.

Како е пресметан конечниот износ

Министерот за труд се определил за основен износ од 1.442,92 евра бруто, кој потоа бил усогласен со инфлацијата од 2,7 проценти. Со тоа, конечниот износ на минималната бруто плата достигнал 1.481,88 евра, пренесуваат словенечките медиуми.

Како што нагласуваат од министерството, ваквиот модел има за цел минималната плата да не биде само формална законска категорија, туку реален инструмент што обезбедува основна финансиска сигурност и достоинствен живот за работниците.

Пошироки социјални ефекти од зголемувањето

Зголемувањето на минималната плата автоматски повлекува раст и на низа други бенефиции кои се законски поврзани со овој износ. Меѓу нив се минималните надоместоци за невработеност, часовните надници за студентска работа, бенефициите за лични асистенти, како и одредени други социјални и работни права.

„Затоа одлуката за минималната плата директно влијае на многу поголем број граѓани отколку што изгледа на прв поглед“, порачуваат од словенечкото Министерство за труд.