За сите вработени во училиштата на силе се условите за „оздравени, вакцинирани, тестирани“, што значи дека оние кои не се вакцинирани или не закрепнале од Covid-19, мораат секоја седмица да се тестираат. А тоа со циркуларното писмо на министерството за образование е одредено како работна обврска.
Неоправданото одбивање на тестирањата ќе се смета за кршење на обврската од работниот однос, што значи дека на вработениот му се издава во тој случај писмено предупредување пред отказ или се покренува постапка за отказ. Истото важи и доколку вработениот одбие да носи заштитна маска, објаснуваат од министерството.
Од друга страна, пак, доколку ученик не носи маска нему не смее да му се забрани влегување во училницата, но директорот за таа обврска мора да ги извести неговите родители, а случајот да го предаде на инспекцијата/
Епидемиолошката состојба во Словенија последните седмици се влошува, па земјата се очекува сигурно кон крајот на седмицата да влезе во „црвената“ фаза, а кон средината на сепрември и во „темно црвената“ според критериумите на Европскиот центар за контрола и превенција на болестите (ECDC), прогнозира во љубљанскиот институт „Јожеф Штефан“ а пренесуваат во средата медиумите.
И покрај тоа, владата есенва и зимава не планира поголеми „затворања“ на социјалните и економските активности, како и на образовниот систем, бидејќи смета дека со доследната примена на условите „оздравени, вакцинирани, тестирани“ состојбата може да се држи под контрола.
Во Словенија во последните 24 часа се потврдени 508 нови зарази со коронавирусот, со 18,1 отсто позитивни тестови. Во болниците се згрижени 89 ковид-пациенти, од кои 19 на одделите за интензивна нега, додека 14-дневната инциденца на заразата се зголеми на 190.
Бројот на хоспитализираните во последните девет дена е удвоен, а директорката на Инфективната клиника во Љубљана, Татјана Лејко Зупанц изјави за медиумите дека следната седмица во ковид-болниците би требало да се зголемат капацитетите на одделите за интензивна нега.
Зупанц додаде дека претпочита и во Словенија во иднина епидемиолошките мерки да се прилагодуваат според пополнетоста на болничките капацитетит, а не според бројот на потврдените случаи, на што претходно деновиве се реши и Германија.