Според министерот за здравство Јанез Поклукар, владата не го прифатила предлогот на епидемиолозите за воведување учење на далечина, но ја прифатила нивната сугестија јавниот сектор и општата економија да работат што е можно повеќе од дом. Тие најавуваат и заострување на контролите на јавниот превоз и училиштата.

Тестирањето на учениците во училиштата деновиве покажа дека кај децата од 5 до 14 години има зголемување за 40 отсто и дека јавниот превоз е важен извор на зарази, поради што ќе се воведат многу строги контроли.

Доколку се утврди дека не се почитуваат правилата за носење маски и ковид-потврди во јавниот превоз, тогаш наскоро се можни нови ограничувања во таа сфера, објави Поклукар.

– Вакцинацијата е најбезбедна и најефикасна мерка во борбата против заразните болести, вакцинирајте се и помогнете му на здравството, рече словенечкиот министер за здравство.

Тој додаде дека Владата донела одлука со која се дозволува обесштетување на оние кои претрпеле „штета и здравствени оштетувања“ поради вакцинација или земање на лекот против Ковид-19 и дека одредбата ќе се применува ретроактивно.