Останува нејасно за што е донесена оваа пресуда, за настаните што се случија во Собранието или за протестите. Не слушнав за било какви дејствија што ги сториле моите клиенти“, изјави адвокатот Еленко Миланов по соопштувањето на шокантната пресуда.
Во случајов, се потврди дека имаме изјави на дежурни сведоци како Александар Василевски Нинџа, за кои одбраната докажа дека се лажни и според тоа дека не може да има осуда за било кој од обвинетите – рече адвокатот Миланов и најави жалбена постапка, откако судот ќе ја обзнани написмено пресудата по заршување на судењето.
„Не може да има осуда против ниту еден од моите клиенти. Не би ја коментирал пресудата, но ќе поднесеме жалба“, рече Еленко Миланов, адвокатот на обвинетите и осудени на вкупно 25 години затвор, за настаните на крвавиот четврток во македонскиот парламент во 2017 година.
Изречените казни за обвинетите во случајот „Организатори на 27 април” според обвинителката Гордана Смаќоска пак се многу ниски. Во изјава за медиуми таа посочи дека е изненадена од ниските казни бидејќи во претходната пресуда за самите извршители на насилствата во Собранието беа изречени многу високи казни.
– Мислам дека пресудата е таква каква што е. Судијата ќе образложи зошто ја донел и зошто олеснителните околности преовладувале во овој конкретен случај кај едно вакво тешко кривично дело, а не отежителните кои и самите имавте можност да ги чуете колку судот ги нагласува. Со самото нагласување на сите тие отежителни околности за судот по мое мислење не смееше судот да си дозволи да има пониска казна од 10 години, барем по мое јавнообвинителско видување на самиот настан, бидејќи доколку не постоеја овие обвинети како организатори немаше да се случи и самиот настан, изјави јавната обвинителка Смаќоска.
Кривичното дело „тероризам” според Кривичниот законик се казнува со минимална казна од 10 години затвор.
– Жалба секако ќе има на ваквата пресуда бидејќи казните се многу ниски. Земете ги во предвид, само една мала компарација ќе направам, Катица Јанева е казнета за полесно кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ каде што максималната казна е 10 година а доби седум години, па сега јавноста нека направи споредба со висината на казната, а кога ќе ја добиеме писмената пресуда секако ќе вложиме жалба за сите обвинети, рече Смаќоска.
Обвинителката Смаќоска воедно говореше и за амнестијата дадена за настаните во Собранието.
– Таа беше дадена општо без конкретно дело, без конкретни обвинети и без кривични дела и правна квалификација. Таква амнестија никогаш не е дадена за никого во текот на целото правосудство по осамостојувањето на државата, бидејќи ние ги презедовме сите тие закони од бивша Југославија. Никогаш не е дадена општа амнестија како што е во овој случај. По мое мислење таа е незаконита, не произведува правни дејствија и сето тоа. Зошто судијата ја спомна амнестијата ќе се обратите до него да ви објасни и во која насока амнестијата влијаела за ваква ниска казна, рече Смаќоска.
Обвинетите во овој случај беа прогласени за виновни и осудени на вкупно дваесет и пет годин затвор. Најголема казна доби поранешниот претседател на Собранието, обвинетиот Трајко Велјановски, 6 години и 6 месеци затвор, обвинетите Спиро Ристоски и Миле Јанакиевси по 6 години и 3 месеци затвор, и екс директоро на УБК, Владимир Атанасов доби 6 години затвор.