Адвокатот на осудените во случајот „Монструм“ најавува дека одлуката на Врховниот суд ќе биде испратена до судот во Стразбур. Насер Рауфи вели дека одлуката на воие судии да ги отфрлат жалбите на осудените е неправедна, па дури е убеден дека одолговлекувањето на судењето докажува дека „Монструм“ е монтиран случај.

„Ќе поднесеме барање до Судот во Стразбур, имаме краен рок за прием на пресудата од 4 месеци за аплицирање. Мислам дека тука е флагрантно докажано дека одбраната е прескршена во многу моменти и етапи во судењето. Дури и пред 11 години кога почна овој случај, да бидеме јасни имавме докази за овој случај дека тие не се виновниците, овој случај немаше да трае 11 години. Ќе траеше една или две години. Самиот факт дека една деценија трае случајот покажува дека станува збор за класичен монтиран случај“, вели Рауфи.

Во меѓувреме, од Алтернатива сметаат дека пресудата на Врховниот суд им ја запечатува судбината на осудените Албанци во монтирани судски случаи.

„Судскиот систем во Северна Македонија ги казнува невините, а ги наградува моќните криминалци. Доказ за тоа беше забрзаното донесување на Кривичниот законик кој го спаси Никола Груевски и многу криминалци како него, како и предлог-законот за амнестија, кој амнестираше некои криминалци кои ѝ требаат на власта за да вршат изборно насилство и злоупотреби“, велат од Алтернатива.

Врховниот суд ден вчера информираше дека ги отфрлил жалбите на осудените во случајот „Монструм“, Алил Демири, Агим Исмаиловиќ и Африм Исмаиловиќ, потврдувајќи ја пресудата на Апелација. Во 2017 година Врховниот го врати „Монструм“ на ново судење. На крајот пет лица беа прогласени за виновни. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ беа осудени на доживотен затвор во отсуство, како и Агим Исмаиловиќ за делото „тероризам“. Фејзи Азири беше осуден на 15 години затвор, додека Хаки Азири беше осуден на 9 години затвор. Сами Лута беше прогласен за невин. Петкратното убиство на Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година.