Секој сексуален чин без согласност сега се смета за силување

Францускиот Парламент донесе амандман што ја вклучува „согласноста“ како клучен елемент во дефиницијата за силување и сексуален напад, што експертите го сметаат за историска промена во борбата против сексуалното насилство, јави Би-Би-Си.

Досега, францускиот закон силувањето го опишуваше како „секој облик на сексуална пенетрација извршена со употреба на насилство, присила, закана или изненадување“. Со новиот амандман, секој сексуален чин што се случува без слободна и информирана согласност на другата личност ќе се смета за силување.

Во законот е нагласено дека согласноста мора да биде „слободна, информирана, конкретна, претходна и повлечлива“. Таа не може да се претпостави врз основа на „молчење или недостиг на реакција“.

Амандманот беше поттикнат од случајот со Жизел Пелико, која со години била дрогирана од својот сопруг и изложена на сексуално насилство од други мажи додека била без свест. Во овој случај беа осудени 50 мажи, а дел од нив тврдеа дека не знаеле дека жртвата не можела да даде согласност, правна празнина што новиот закон ја отстрани.

Франција се приклучува на европските земји со закони за согласност

И покрај критиките дека променава може да ги претвори интимните односи во „договори“, највисокиот француски административен суд оцени дека амандманот ја зајакнува личната и сексуалната слобода на граѓаните.

Според организацијата „Амнести интернешнел Франс“, со ова Франција се приклучува на земји како Шведска, Германија и Шпанија, кои веќе имаат закони за силување засновани на согласност.