Јавен обвинител од ОЈО Скопје поднесе обвинителен предлог против шест лица за продолжени кривични дела „Фалсификување исправа“. Меѓу обвинетите е и вработена во Министерството за внатрешни работи, која, според Обвинителството, со користење на своите шифри преправала возачки дозволи и внесувала дополнителни категории.

Според обвинителниот предлог, вработената во МВР во периодот од 3 септември 2020 до 24 август 2026 година, во повеќе наврати ги користела своите шифри и вршела преправање на возачки дозволи во Одделението за управни работи – Скопје, каде што била вработена како помлад советник за патни исправи. Останатите петмина обвинети се возачи.

„Тие, иако знаеле дека немаат положено за Ц и за Д категорија, во договор со првата обвинета, поднесувале барања за издавање дозволи во кои им биле впишувани дополнителни категории. Ваквите невистинити исправи тие ги користеле за да аплицираат и да добијат сертификати за професионална компетентност на возач за учество во меѓународен превоз на патници и стоки, а потоа во повеќе наврати управувале со автобус или со товарно возило во меѓународен сообраќај“, се вели во соопштението на ЈО.

За тројца од обвинетите, меѓу кои и вработената во МВР, јавниот обвинител доставил предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор. За останатите тројца, кои се недостапни за органите на прогонот, обвинителот предложил да им биде определен притвор откако ќе бидат пронајдени, а постапката против нив да продолжи во нивно отсуство.

Во истиот предмет продолжува истрагата и против уште 21 лице. Се преземаат дејствија за обезбедување докази против нив поради сомневања дека биле посредници или корисници на фалсификуваните возачки дозволи.

Од Обвинителството додаваат дека продолжуваат да се истражуваат и други можни злоупотреби поврзани со случајот.