Премиерка што свири тапани и слуша „Ајрон Мејден“

Санае Такаичи, новоизбраната премиерка на Јапонија, стана првата жена во историјата што ќе ја води Владата на земјата. Освен по своите „челични“ конзервативни ставови, Такаичи го привлече вниманието на јавноста и со својата неочекувана страст кон хеви-метал музиката.

Во интервју за „Токио ФМ“, таа откри дека сè уште ги слуша бендовите „Ајрон Мејден“, „Дип Парпл“ и „Икс Јапонија“, а најомилен ѝ е јапонскиот тапанар Јошики, основач на „Икс Јапонија“. Такаичи свири тапани и гитара уште од студентските денови, па признава дека музиката ѝ е најдобар начин за ослободување од стрес.

„Кога мојот сопруг ме нервира, ги вадам палките и свирам додека тој спие“ – изјави Такаичи со доза на хумор.

Нејзината омилена песна за релаксација е класиката „Burn“ од „Дип Парпл“.

Ќе ја зајакнам економската и одбранбената моќ на Јапонија

По победата на парламентарните избори, Такаичи најави дека нејзиниот премиерски мандат ќе биде фокусиран на економска стабилност, национална безбедност и зачувување на јапонскиот културен идентитет.

Освен љубовта кон музиката, Такаичи е позната и по својата страст кон мотоциклизмот и боречките вештини. На нејзината официјална страница има фотографии на кои вози „Кавасаки З400-ГП“, а јапонските медиуми пренесуваат дека е членка на Собранискиот мотоциклистички клуб.

Новата премиерка поседува и црн појас во карате, што дополнително ја зацврстува нејзината репутација на „железна дама“ – титула што јапонските медиуми веќе ја споредуваат со британската лидерка Маргарет Тачер.