Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва на „Тема на денот“ на Сител телевизија истакна дека дел од службените возила во државна сопственост се надвор од употреба и ќе бидат продадени по завршување на изборите.

На самиот почеток Томовски се осврна на темата за службените возила кои треба да поседуваат специјални регистарски таблички, со цел зголемување на транспарентноста и контрола во користењето на возилата, за граѓаните лесно да можат да ги разликуваат и, доколку постои злоупотреба, да ја пријават.

Тој посочи дека вкупно околу 7.500 возила спаѓаат во категоријата државна сопственост, вклучувајќи возила на МВР, МНР, АНБ, амбулантни и противпожарни возила, но според него, за непречено функционирање, државата не би требало да располага со повеќе од 2.000 возила.

„Ова беше едно од оние ветувања со претседателот Христијан Мицкоски којшто го ветивме пред година дена, односно пред кампањата, и денеска имаме веќе реализација на тоа ветување. Морам да напоменам дека од оние возила коишто ги спомнуваме во јавност, околу 7500 возила, голем дел од нив се вон употреба. Од вкупно 220 возила со коишто располагаме, 104 ќе бидат расходовани и продадени веднаш после изборите. Сите оние 7500 коишто ги спомнуваме тука припаѓаат и возилата од Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Агенцијата за национална безбедност, амбулантните возила, противпожарните возила, се она што значи државна сопственост. Она коешто можеби би било потребно на државата, не би требало да брои повеќе од 2000 возила, за да можеме непречено понатака да функционираме“, рече Томовски.

Тој исто така откри дека е формирана работна група помеѓу МВР и СОЗР која ќе разгледува измени на регулативата за казнување при злоупотреба на службените возила. Томовски најави дека сите возила ќе бидат обележани со GPS, со цел да се минимизираат злоупотребите.

„Отпочнавме формирање на работна група меѓу Министерството за внатрешни работи и СОЗР и ќе се пристапи кон промена и измена на регулативата да видиме во рамките на законите коишто се пропишани во државата, дали има шанса нешто да се направи околу казнувањето во случај на злоупотреба. Очекувам дека тоа ќе се заврши заклучно крајот на годината, бидејќи до тогаш МВР презема одговорност да го искреира оној регистар на возила кадешто тука ќе бидат и сите возила на државата, па заедно со изработката на тој регистар да можеме ние да предвидеме промена на таа регулатива, па да следат и казни за можните злоупотреби. Чекаме да се заврши регистарот на возила и веднаш штом го завршиме тој процес во соработка со МВР, ќе направиме една таква владина одлука, сите возила да бидат обележани со GPS – да може максимално да ги откорениме злоупотребите на возилата“, изјави Томовски.