Сојузот на синдикати на Македонија соопштува дека, како што велат, вработените во ЈП Водовод и канализација Скопје алармирале дека се под постојан притисок од в.д директорот Марјанче Митовски.
Според нив, тој притисок кулминирал со последното писмо кое го испратил до сите вработени во ЈП Водовод и канализација Скопје, со кое, како што велат од ССМ, се става над Управниот одбор во претпријатието.
„Така упатува порака до вработените дека не смеат да ги почитуваат Одлуките на Управниот одбор, иако и тој самиот знае дека основ за негово разрешување согласно Закон е доколку и тој самиот не ги почитува Одлуките на управниот одбор што и го прави во изминатите денови“, пишуваат од ССМ во своето соопштение.
„По упатената порака пред околу еден месец дека работниците мораат да му бидат слепи послушници само нему, а доколку не ги спровел реорганизација и измена на систематизацијата со бркање од работа и прераспоредување што од сите надлежни инспекциски органи и управниот одбор му ги поништија како незаконски, како што и незаконски му даде отказ на претседателот на Синдикатот во Водовод, сега истиот ќе се јавел во заштита на вработените како в.д директор, ако вработените постапувале спротивно на одлуките на управниот одбор“, пишува во соопштението.
Од ССМ велат дека дополнително вработените се загрижени за исплатата на нивните плати поради тоа што, според информации на синдикатот, сметката на ЈП Водовод и канализација била блокирана од извршители од петокот до вчерашниот ден и вработените стравуваат дека истото ќе се случува се почесто и дека нема да ја добиваат редовно нивната плата, особено поради тоа што овој месец за прв пат останаа и без здравствено осигурување, за што алармираше и синдикатот.
„Ваквиот игнорантски однос претставува опасност и за другите јавни претпријатија и платите на работниците таму поради тоа што преку сметките за вода се наплатуваат и услугите за другите јавни претпријатија ( Паркови и зеленило и Комунална хигиена) кои доколку се блокирани сметките на ЈП Водовод и канализација нема да можат да ги добијат наплатените средства, а со тоа нема да можат да исплатат плата на вработените.
Ова раководство и в.д директорот и градот Скопје освен да работат на пресметки со синдикалците и со нивните неистомисленици, не работат ништо друго во корист на граѓаните, туку работат на штета на сите!“, велат од Синдикатот.