Сметководителите денеска протестираа пред Министерството за финансии. Тие бараат итно решение за времено избришаните од регистарот да можат да ги потпишуваат завршните сметки за 2024 година. Побараа и законски измени за ограничување на овластувањата на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС), за кој сметаат дека применува неправедни дисциплински мерки.

Протестот се одржа под мотото „Нема потпис, нема мир“.  Демонстрантите изнесоа критики кон начинот на кој ИСОС врши контрола врз фелата.  Обвинија  дека консалтинг куќите имаат монопол врз задолжителните обуки. Според нив, околу 3 000 сметководители се со забрана за потпис бидејќи не посетувале доволно часови професионална обука, што може да го загрози стопанството.

Преку дијалог со сметководителите, ИСОС најави подготовка на анализа и препораки за цените на услугите во овој сектор

Министерката за финансии понуди решение

На протестот ненадејно се појави министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочовска. Таа увери дека сметководителите ќе можат да ги потпишуваат завршните сметки за 2024 година. Според неа, Предлог-решението веќе е во собраниска процедура и се очекува да биде усвоено.

„Секој што водел сметководство ќе поднесе завршна сметка. Заклучно со 28 февруари, дел од завршните сметки ќе може да се потпишуваат, а истото важи и за 15 март. Предлог-решението веќе е доставено до Собранието“, изјави Димитриеска Кочовска.

Таа додаде дека е нелогично сметководителите кои работеле цела година да не можат да потпишат завршни сметки. Но, побара од нив да објаснат зошто не ги почитувале обврските за обука.

Барања за реформа на системот

Сметководителите, пак, инсистираат дека законот е донесен наметнато и во интерес на одредени консалтинг компании. Тие бараат законски измени кои ќе го намалат бројот на задолжителни часови обука, ослободување на лицата над 58 години од таа обврска и ограничување на влијанието на консалтинг куќите врз регулативата.

„Неопходно е Министерството за финансии да има надзор врз ИСОС и да спречи неправедни дисциплински мерки“, изјави претставникот на сметководителите, Сашо Цветановски.

Протестот заврши со договор претставниците на фелата да ги достават своите предлози до Министерството, а разговорите за трајно решение ќе продолжат.

Извор: Независен.мк