Орце Ѓорѓиевски кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ гостуваше во дневникот на ТВ Сител во Тема на денот каде што истакна дека во првите 72 часа ќе направи генералка на цело Скопје и истакна дел од проектите кои се приоритетни како изградбата на подземна сообраќајница во Скопје.
„Проблемот со сметот не е само од денес и не е изминатата недела, ние имаме хроничен проблем неколку години наназад со кои се соочуваме како скопски градоначалници земајќи во предвид дека на многумина не им се јасни ингеренциите и постојано го вперуваат прстот, граѓаните на крајот од денот и не ги интересира тие уредно си плаќаат но го вперуваат често пати прстот во нас како локални градоначалници во било која од скопските општини ние во неколку наврати во минатото делувавме самите, дури во неколку од тие случаи и бевме казнувани но подоцна се покажа дека се неиздржани казните пак паѓаа пред да дојде ред општината да плаќа евентуална глоба, во тој контекст изминатиот период од неколку дена е најалармантен во предизборието кога се случува практично да или не постапува Комунална хигиена или пак онаму каде постапува, делумно постапува. Дополнителен проблем што е констатиран од сите скопски градоначалници е дека на многу од микро локациите особено таму каде што има роботи контејнери, на места каде имало 3-4 контејнери во моментот има по 1 контејнер. Ќе треба да утврдиме дали некој свесно или намерно го направил тоа“, кажа Ѓорѓиевски и додаде:
„Ние дејствуваме, започнавме уште пред некој ден снаоѓајќи се самите, треба да земеме во предвид дека ние немаме механизација соодветна за празнење на контејнерите но алтернативно делуваме ни помагаат општествено одговорни компании за барем оние мини депонии околу контејнерите да ги исчистиме. Ќе мора да делуваме брзо. Секаде каде што градоначалникот во скопските општини нема да може сам заедно со општествено одговорни компании да одговори на предизвикот се договоривме да се уклучи некоја од соседните општини. Ќе побараме помош“, истакна Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски кажа дека одговорноста за сметот во Скопје е кај менаџментот и има име и презиме во случајот тоа е Данела Арсовска.
„Можам да кажам како ќе функционирам и како ќе го водам градот Скопје, не треба оној кој е создавач на кризите и тој којшто треба да ги најде решенијата постојано да го вперува прстот во некој сите да бидат виновни освен тој. Одговорноста има име и презиме, односно тој којшто е менаџер на главниот град, во случајот Арсовска. Се знае каде е командната одговорност. Дали е директор на Комунална хигиена дали Управниот одбор колективна вина има таму кај сите и сите треба да си одговараат за непостапување соодветно. Јас немам детали за тоа што се случува внатре“, истакна Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски посочи дека стои позади секое ветување и се што ветил ќе биде реализирано во рок.
„Стојам позади секое мое ветување, одговорно тврдам дека ќе биде сработено за периодот којшто сум ветил дека ќе биде сработено. На Градот Скопје му треба генералка, и тоа не е квантна физика тука треба добро да се организираме. Но главната организација треба да е во Комунална хигиена кое ги има сите ресурси за коишто граѓаните плаќаат“, истакна Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски истакна дека тоа што во Советот на Град Скопје ќе има мнозинство истовремено значи и дека има огромна одговорност.
„Тоа што имаме апсолутно мнозинство значи дека имаме апсолутна одговорност, важно е мнозинството важно е што граѓаните имаат сериозни очекувања од нас, одговорноста е уште поголема и тука нема да има изговор. Јас сум човек којшто никогаш позади никого нема да се крие и тоа го покажав изминатите 4 години. Во Советот освен нашето цврсто мнозинство има партиципиенти од други партии на сите ќе им биде подадена рака. Потребно е јавно и транспарентно, одговорно да работите во интерес на граѓаните“, потенцира Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски истакна дел од проектите кои се приоритетни како изградбата на подземна сообраќајница во Скопје.
„За мене најсериозен предизвик освен да ги завршам оние 4 проекти, Љубљанска, Михајло Апостолски мостот, булеварот Борис Трајковски и клучката кај Момин Поток кои мораме да ги завршиме, фокус ми е сообраќајницата подземна Лимак којашто треба од страна на градот да ги доврши трите кружни тека, 2 спрема Кисела Вода на граница со Центар и едниот кај Нова Македонија ќе биде првиот предизвик кој ќе го реализираме. Тоа ќе биде првата подземна сообраќајница во Македонија“, нагласи Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски кажа дека очекува поддршка од сите скопјани, но кажа и дека од ВРЕДИ И ЗНАМ веќе добил поддршка.