Директорот на националниот парк Шар Планина ги обвини општините Тетово, Теарце, Јегуновце, Боговиње и Врапчиште за неефикасност во решавањето на проблемот со собирањето на отпадот долж националниот парк. Ибрахим Дехари рече дека на Шара има разни отпадоци, пренесе Алсат.
„Минатата година имаше акција и тие беа делумно расчистени, но проблемот е што тие повторно се појавуваат како што беа досега. Зошто се случува тоа? Во некои случаи имаме податоци дека депониите на кои порано се фрлал урбан отпад повторно се појавуваат и градот повторно фрла таму. Апелираме до општините секојдневно да го собираат за да не се загадува животната средина. Ние како институција се обративме до општина Тетово со посебно барање да се постави систем за отпад во овие села, но сè уште немаме одговор. Апелираме на соработка за да се реши ова загадување на Шара“, рече Дехари.
Следуваше реакција од општина Тетово. Оттаму побараа директорот на националниот парк да не се занимава со дневна политика, туку да си ја работи својата работа бидејќи според нив собирањето и чистењето на депониите на планините е работа на други институции.
„За чистење на депониите на Шар Планина надлежни се Министерството за екологија и дирекцијата на националниот парк. Општина Тетово е надлежна за чистење на отпадот во општина Тетово и околината, а оваа работа ја врши ЈКП, а останатото е на дирекцијата и на министерството“, рече Бесарта Рамадани- портпарол на општина Тетово.
Инаку, Министерството за екологија пред една година започна акција за расчистување на депониите на Шара, но запре на половина, па отпадот и понатаму остана во природата.