Американската амбасадорка во НАТО Џулијан Смит ги отфрли информациите дека САД се подготвуваат да ги намалат трупите во Источна Европа пред разговорите со Русија за тензиите на границата со Украина.
-Администрацијата не подготвува опции за повлекување на силите во Источна Европа, напиша на Твитер Смит откако Ен-Би-Си објави дека се разгледуваат промени во бројот на војниците во Полска и на Балтикот.
Како што пренесуваат странските агенции, разговорите меѓу Москва и Вашингтон во понеделник имаат за цел да ги смират тензиите по неколкумесечната загриженост на Западот дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да ја нападне украинската територија како во 2014 година кога Русија го анектираше полуостровот Крим.
Русија негира дека се подготвува за инвазија на Украина и ја обвинува Украина за преместување војници во регионот на Донбас, кој е под контрола на проруските сепаратисти.