Известувачот Томас Вајц открива сериозни напади и притисоци поради извештајот за земјава
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, изјави дека станал мета на жестока кампања на оцрнување, откако Европскиот парламент минатата недела го усвои извештајот за напредокот на Македонија.
Во интервју за Канал 5, Вајц вели дека е задоволен од извештајот, но истакнува дека по неговото објавување бил цел на силни напади, најмногу од бугарска страна.
„Да, бев под силен напад, тоа беше цела кампања за оцрнување против мене. Ме нарекуваа пристрасен, бев обвинет дека сум имал повеќе разговори со Македонија отколку со Бугарија. Ме обвинуваа дека сум корумпиран“, рече Вајц.
Споделување на телефон и смртни закани од екстремни групи
Тој откри дека неговиот приватен телефонски број бил споделуван во екстремно десничарски групи на социјалната мрежа Телеграм, по што следеле закани од сериозен карактер.
„Добив смртни закани и секакви закани, а ова продолжува и по гласањето. За жал, ова тотално ескалираше во Бугарија“, нагласува Вајц.
Извештајот на Европскиот парламент беше позитивен за Македонија и поздравен од институциите во Брисел, но, според Вајц, предизвикал реакции и политички тензии кај одредени кругови кои го сметаат за пристрасен кон бугарско-македонските прашања.