Екипи на терен, се подготвуваат генератори и привремено сместување

Околу 19.000 домаќинства во североисточниот дел на Словенија и натаму се без електрична енергија по сериозните дефекти на мрежата предизвикани од обилните снежни врнежи што започнаа вчера.

Прекините следуваат по снежниот бран што го зафати регионот и предизвика оштетувања на далекуводи и инфраструктура.

РТВ Словенија објави дека екипи од повеќе делови на земјата се мобилизирани и работат на отстранување на дефектите и враќање на снабдувањето со струја.

Се очекува словенечкиот премиер Роберт Голоб денеска да го посети Марибор. Таму треба да одржи средба со претставници на компанијата Електро Марибор и со службите на цивилната заштита, со цел директно да се информира за состојбата на терен.

Вчера без струја останаа речиси 48.000 домаќинства

Вчерашните снежни врнежи во североисточниот дел од земјата предизвикаа прекини во снабдувањето со електрична енергија за околу 40.000 домаќинства што се снабдуваат од Електро Марибор, како и за приближно 8.000 домаќинства под надлежност на Електро Целје.

Според најавите, дел од 19.000 домаќинства кои моментално се без струја би можеле да останат без електрична енергија и во наредните денови, додека трае санацијата на мрежата.

Од цивилната заштита информираа дека поради неизвесноста околу целосната нормализација на снабдувањето, веќе се обезбедени генератори за итни случаи.

Истовремено, до погодените граѓани е упатен апел, доколку имаат можност, привремено да побараат сместување кај роднини или пријатели додека траат интервенциите на терен.