Масовни откажувања на летови во Амстердам
Повеќе од 700 летови се откажани на аеродромот Шипхол во Амстердам поради обилните снежни врнежи и силниот ветер. Од управата на аеродромот соопштија дека нарушувањата во авиосообраќајот се резултат на неколкудневните неповолни временски услови, а информацијата ја пренесува Гардијан.
Патници преноќуваат на аеродромот
Повеќе од 1.000 патници ја поминале ноќта на аеродромот „Шипхол“, соопштија надлежните, додавајќи дека биле поставени камп-кревети и бил обезбеден појадок за лицата кои биле принудени да останат таму. Од аеродромските служби предупредија дека бројот на откажани летови може дополнително да се зголеми во текот на денот.
Студениот бран создава хаос низ Европа
Снегот, мразот и ниските температури предизвикаа сериозни нарушувања низ делови од Европа, при што пет лица загинаа во сообраќајни несреќи во Франција. Околу 100 летови беа откажани на аеродромот Шарл де Гол, додека уште 40 летови беа откажани на аеродромот Орли поради снег и силен студ. Јавниот автобуски превоз во Париз и околината беше целосно суспендиран поради замрзнатите патишта, додека метро-сообраќајот и приградските железници функционираа со ограничувања.
Метеоролошката служба Метео Франс соопшти дека 38 од 96 департмани во земјата се ставени во состојба на готовност поради снег и појава на црн мраз, при што веќе се регистрирани наноси од 3 до 7 сантиметри. Студениот бран е оценет како редок за овој период од годината, а властите ги повикаа граѓаните да избегнуваат непотребни патувања и да работат од дома доколку имаат можност.
