Со општина Елбасан, Албанија и со неколку организации преку овој проект ќе се работи на промоција и одржливост на туризмот преку неколку инфраструктурни зафати и други активности.

Во рамките на проектот, Крушево ќе изгради паркинг до самото параглајдинг-полетувалиште на Мечкин Камен, заедно со хортикултурно уредување. Ова е исполнување на уште едно барање на параглајдеристите по поставувањето на новата вештачка трева и изградбата на објектот на полетувалиштето.

На полетувалиштето ќе бидат поставени и две станици кои ќе го мерат квалитетот на воздухот, како и брзината и насоката на ветрот.

Другите активности кои ќе се реализираат се: „Даунхил“ патеката која ќе овозможи одржување натпревари во планински велосипедизам на високо, професионално ниво; лед-осветлување на Крушево, поконкретно во околината на објектите од областа на културата каде ќе бидат поставени 200 ЛЕД светилки; промотивни активности на двете општини како атрактивни туристички дестинации. Ќе има и обуки и надградување на капацитети на угостителскиот сектор.

Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски, градот има иднина во туризмот.

– Продолжуваме со работа во туризмот. Градиме инфраструктура и меѓународно го промовираме Крушево. Изминатите месеци интензивно работевме на проектот за прекугранична соработка со Албанија и успеавме да го добиеме грантот. Крушево има иднина во туризмот, вели Христоски.

Грантот е дел од „Прекуграничната соработка меѓу Република  Македонија и Република Албанија, инструмент за претпристапна поддршка од ИПА 2 за приодот од 2018 до 2020 година.