Со овој закон, како што информира министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната прес-конференција во Владата, трајно се намалуваат или укинуваат царинските стапки на 258 производи кои се увезуваат во нашата држава, а со нивното намалување не се прекршуваат договорите за слободна трговија или трговската политика.
– Вкупната индиректна поддршка која се дава на стопанството, односно фискална импликација, со самото намалување на тарифите со овој Предлог-закон изнесува 810 милиони денари или 13 милиони евра на годишно ниво од вкупно наплатените приходи од 17,5 милиони евра по основ на овие тарифи. Ова претставува намалување на 74 отсто на фискалниот товар по основ на овие тарифи што претставува 12 отстотно учество во вкупните наплатени увозни давачки во 2020 година во вредност од околу 110 милиони евра. Тие средства ќе одат во стопанството и ќе значат повеќе инвестиции и нови работни места, рече Бесими.
Со усвојување на овој Предлог закон, потенцира, се излегува во пресрет на барањата на компаниите за усогласување на царинските стапки со стапките во Европската Унија, што, како што рече, е од особено значење за унапредување на производството, извозот и конкурентноста на компаниите.
-Најголем дел од намалените царински стапки се однесуваат на интермедијарни продукти кои се користат како суровини и репроматеријали во технолошко напредното производство, како и во секторите на автомобилската, метало-преработувачката индустрија, металургијата, текстилната и кожарската индустрија, кои во 2020 и почетокот на 2021 година се соочија со сериозни потешкотии поради пандемијата со КОВИД 19, прецизира Бесими и додаде дека овој Предлог закон предвидува укинување и на царинската стапка на природен гас.
Нагласи дека главна цел на Предлог-законот е хармонизирање на дел од царинските стапки со царинските стапки на Европската Унија и со самото тоа креирање на услови на поголема конкурентност на домашните компании во меѓународните пазари.
– Хармонизирањето на царинските стапки заедно со имплементацијата на ревидираната ПЕМ конвенција, која стапи во сила на 02.11.2021 година ќе придонесат за постепено прилагодување на условите кои постојат на пазарот на ЕУ. Оттука, ваквите мерки дополнети со веќе постоечките мултилатерални и билатерални договори за либерализација на трговијата како SAA, EFTA, CEFTA и билатералните договори со земји како што се Турција и Украина, кои овозможуваат пристап до пазар од преку 650 милиони потрошувачи, ќе придонесат во зголемување на атрактивноста на нашата земја за странските инвеститори, рече Бесими.
Според него, хармонизацијата на царинските стапки за одреден дел од тарифните линии претставува чекор напред во подготовката на реалниот сектор на условите во кои функционира единствениот европски пазар.
-Ваквите мерки на либерализацијата на трговијата добиваат особено значење во мали и отворени економии како нашата, каде пристапот кон големите пазари и недостатокот на трговски бариери претставуваат значаен дел од понудата за странските, но и домашните компании, потенцира Бесими.