По објавените решенија на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања усвоени во 2018 и 2019 година во јавноста излегоа реакции во кои доминираа клевети, обвинувања и манипулации за ненаучност, предавство и бугаризација, без притоа да се понудат аргументи за тоа, а оние малку аргументи што се нудат всушност се произволни, нестручни и селективни толкувања на историјата, со употреба на празна и исполитизирана реторика за наводна бугаризација на Македонија и Македонците, се наведува во денешната реакција на македонскиот тим на Комисијата.
– Најголемото разочарување и истовремено иронија е тоа што во голем дел обвинувањата за наводното предавство се повикуваат на македонската историографија, која впрочем веќе ги нотирала фактографските податоци наведени во решенијата на Комисијата, се наведува во реакцијата.
Според членовите на Комисијата, најголемата лага е дека текстовите со кои се препорачува заедничко чествување ќе бидат применети во образовниот систем, иако при секоја можност досега е наведувано дека заедничко чествување е една, а препораките за учебниците сосема друга тема на дискусија.
– Личностите предложени за заедничко чествување се избрани поради нивното универзално значење за културите на современите држави и поради постоењето историски традиции во двете општества за нивната дејност, посочуваат од македонскиот тим на Комисијата.
Во однос на Св. Кирил и Методиј, членовите на Комисијата посочуваат дела во текстот никаде не се толкува дека тие се „бугарски словенски просветители“ и дека „словенската писменост старобугарска“.
– Во текстот пишува дека нивното дело „ги поставува основите на христијанската култура и духовност на словенските народи. Прифаќањето и ширењето на писменоста и преводите на богослужбените книги им овозможува на словенските народи да се запознаат со христијанското учење на разбирлив јазик.“ Во продолжение се вели дека „делото на Св. Кирил и Методиј е сочувано и развивано во книжевните центри Преслав и Охрид, кои тогаш се наоѓале на територијата на средновековната бугарска држава, каде што нивните ученици наоѓаат услови за работа.“ Каде овде се кажува за бугарски карактер на светите браќа и нивната мисија, или, целта е намерно да се лаже јавноста и свесно да се поттикнува страв дека некој ќе ги „бугаризира“ Македонците?, велат во реакцијата членовите на македонскиот тим на Историската комисија.
Тие посочуваат дека во однос на Климент и Наум доволно е да се види што пишува во трудовите на најреферентните македонски автори кои јасно кажуваат дека тие по прогонството во Моравија биле пречекани со високи почести од бугарскиот владетел Борис, по што „Климент во 886 година официјално бил испратен на мисионерска работа во областа Кутмичевица…“, каде што се наоѓал Охрид.
– Во главниот извор за животот на Климент Охридски се вели: „Како што некогаш апостол Павле беше испратен од ангелот во Македонија така и овој пат Св. Климент од страна на благоверниот цар Борис е испратен во охридските краишта, односно во областа Кутмичевица“ (Свети Климент Охридски – хагиографија и химнографија, Македонска православна црква – Охридска архиепископија, Дебарко-кичевска епархија, Охрид 2016, 15.), се додава во реакцијата, при што се посочува дека и врз основа на извори се споменува дека Наум и Климент дејствувале во рамките на бугарската држава.
Според членовите на Комсијата, сето ова, вклучително и фактот што во црквата во манастирот Св. Наум постои и фреска на царот Борис, сепак тоа не им дава бугарски предзнак ниту на духовни, ниту на материјални дела на Климент и Наум.
– На кој начин укажувањето на основните фактографски податоци од 9. и 10. век нас Македонците нè прави Бугари? Каде се споменува во текстовите дека овие личности се Бугари или Македонци? Зар веруваме дека во 9. и 10. век постоеле Македонци и Бугари како што постојат денес?, прашуваат членовите на Комисијата.
Тие посочуваат и дека уште поинтересно е што овие податоци се дел и од македонските учебници по историја за средно образование, меѓу чии автори се оние историчари што деновиве овие фактографски податоци ги претставуваат како „бугаризација“.
– Според логиката на манипулациите досега ние одамна требаше да бидеме бугаризирани со оглед на тоа што се е нотирано во македонската историографија и македонското образование. Дали тоа значи дека некои од овие автори кои денес сеат страв дека со препораките за заедничко чествување ќе се „бугаризираат“ Македонците, всушност ја започнале „бугаризацијата“ на македонскиот народ уште пред повеќе од десет години? Зошто овие основни историографски податоци нотирани од страна на македонските историчари сега се проблем? И конечно, зошто недостига елементарна чесност од односните критичари да признаат дека препораките на Комисијата го содржат токму тоа што тие во своите трудови претходно го пишувале?, се додава во реакцијата.
Од Комисијата посочуваат и дека имало обвинувања оти се изоставени и други фактографски податоци значајни за овие личности и на тој начин се минимизирал нивниот македонски карактер, наспроти бугарскиот или дека требало да се потенцира терминот Словени и изведенките од него.
– Прво, разочарувачки е што во нападите овие историчари не сфатиле дека овие текстови не се научни статии во кои треба да се толкуваат фактите и дека во нив не може да се дадат сите податоци. Толкувањата и историографската дебата ќе продолжи и понатаму по овие препораки. Второ, не можеме да разбереме како би ги направиле овие личности македонски ако споменевме дека Св. Кирил и Методиј биле испратени од Византија во мисија во Моравија или дека се родени во Солун од родители Ромеи кои биле во служба на Византија и зборувале на грчки јазик? Трето, како потенцирањето на Словени ќе ги направи разликите помеѓу Македонците и Бугарите, кога и бугарскиот народ е словенски народ?, велат од македонскиот тим на Историската комисија.
Тие додаваат дека и во однос на Цар Самоил со усвоениот текст не е ништо ново кажано, што македонските историчари не го кажале и напишале, бидејќи македонските историчари кои го проучувале или го проучуваат Самоил го имаат нотирано она што го нотирала Комисијата.
– Имено, дека „во историографијата се оформил доста широк консензус (макар и не целосен) во однос на формата – бугарско царство, а како спорна се јавува содржината“. Во трудот „Политичко-идеолошките традиции на Самуиловата држава: реконцептуализација на историската интерпретација и контекстуализација“ објавен во Прилози кон историјата на Македонија и македонската култура во издание на МАНУ од 2020 година, Митко Панов констатира: „Следејќи ја оваа византиска концепција, традиционалните учени ја претставуваат политиката на Самуил или како директно продолжување на Првата бугарска империја или како независна држава основана во Македонија што ги продолжува државните и црковните традиции на Бугарската империја“. Притоа, некои од „традиционалните учени“ се всушност авторитети во современата медиевистика. Да ја споменеме и Енциклопедијата на МАНУ каде што се наведува следново: „Во изворите најчесто се именува како бугарски цар, а неговата држава како Бугарско царство“. Од друга страна за хипотезата дека Самуиловото царство е македонско царство се вели „таа не наишла на целосен прием ниту во македонската историографија“, се посочува во реакцијата.
Членовите на македонскиот тим на Комисијата прашуваат и како овие текстови кои се предлог-препораки зошто Скопје и Софија би можеле да ги чествуваат овие личност, се деградирање на македонската историска наука, кога истата таа наука ги нотирала овие основни фактографски податоци.
– По кој начин со овие текстови ќе се негира етногенезата на македонскиот народ или ќе се бугаризира Македонецот? Освен празни реченици, би сакале да видиме конкретен аргумент и пример дека етногенезата на македонскиот народ ќе биде негирана. Македонската историографија има и знаење и капацитет да се справи со минатото и не треба со манипулации и политизации да се држи закотвена под стаклено ѕвоно. Во спротивно се задушува секаква слобода на научно изразување, се нагласува во реакцијата.
Македонските историчари потенцираат дека Македонците ќе продолжат да ги слават и чествуваат овие личности како дел од македонската историја, култура и традиција, а евентуалното заедничкото чествување при јубилеи, годишнини и соодветни поводи може да претставува само начин да се покаже дека овие личности имаат универзален карактер.
– Ниту на едно место не се сугерира тоа што упорно некој сака да го прикаже. Ниту една од препораките не сугерира дека Македонците немаат право да ги слават самостојно своите национални и историски вредности и никој не ги „демакедонизира“, како што се манипулира, затоа што целосно легитимно е во националните политики на сеќавања, сето наследство од овие личности да се слави како национално наследство, посочуваат членовите на Историската комисијата во реакцијата.
Тие при тоа им се обраќаат и на нивните колегите историчари во Бугарија, нагласувајќи дека „ликувањето“ и „славењето победа“ од страна на бугарските историчари е несериозно и претставува лажен триумфализам, кој само пречи на работата на Комисијата и на добрите односи меѓу македонскиот и бугарскиот народ.
– Во текстот никаде не се пишува за бугарски национален карактер на Македонија, на светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици, туку тоа е нивни обид да избегаат од фактот дека текстовите ги негираат националистичките теории востановени во Бугарија во кои се тврди дека старословенскиот е старобугарски или дека Кирил и Методиј се бугарски просветители. Тоа е така бидејќи очигледно не сакаат да прифатат дека во средниот век лојалноста е кон династија или круната и тоа не значи културна и етничка припадност, а употребата на политоними (Бугарија) не е еднакво на етноним, се посочува во пораката на историчарите до нивните бугарски колеги.
Членовите на македонскиот тим на Комисијата нагласуваат и дека средновековните државни атрибути немаат идентитетско значење како што денес ги разбираме, посебно не во тој ран средновековен период „исто онака како што тврди и најголемиот дел од светската наука на која се повикавме во текстот за Цар Самоил, додавајќи дека затоа сметаат оти препораките се пораз на историските митови во двете држави и така треба да се читаат.
– На крајот сакаме да се заблагодариме и на другите колеги историчари од Институтот за национална историја, катедрата по историја при Филозофскиот факултет во Скопје и Универзитетот Гоце Делчев во Штип, кои беа консултирани во работата на Комисијата, како и на оние што беа дел од тимот кога овие препораки беа усвоени – проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, проф. д-р Дарко Стојанов и проф. д-р Александар Литовски, се наведува во реакцијата на македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања.