Јубилејното издание на најстарата поетска манифестација, се одржува под посебни протоколи за заштита на населението од Ковид-19. Поетските читања ќе се одржат на летната тераса во хотел „Дрим“, а не според традицијата на Мостот на поезијата. Поради пандемијата не присуствуваше ниту добитничката на Златниот венец, британската поетеса Керол Ен Дафи. Таа имаше видео обраќање и читање поезија преку он-лајн врска.

Поетите учесници, кои присуствуваат во Струга ќе го посетат Вевчани и Вевчанските извори. На манифестацјата учествуваа 30-тина поети, дел од нив пристигнаа во градот на поезијата, а дел читаа поезија преку видео врски.

Во рамките на програмата синоќа беше промовирано „Македонско поетско соѕвездие“ во чест на академик Георги Старделов. За делото говореше македонскиот поет, раскажувач, есеист и теоретичар Владимир Мартиновски, кој оцени дека академик Старделов оставил во аманет неодминлива книга за секој што ќе сака темелно да ги запознае одликите и естетските дострели на современата македонска поезија.

– Станува збор за невообичаено волуменозна книга (со без малку 900 страници), која се чита како врвна белетристика. Таа е еден вид синтеза и сума сумарум на долгогодишниот безрезервен и пасиониран ангажман на Георги Старделов во анализирањето, толкувањето, вреднувањето и промовирањето на дострелите на современата македонска поезија. Сочинета од пет претходно објавени книги, посветени на пет стожерни творечки личности за македонската литература и култура од првите две повоени генерации, „Македонско поетско соѕвездие“ е еден вид петокнижие на македонската поезија на втората половина од 20 век, изјави Мартиновски.

Петходно се одржа омаж во спомен на култниот македонски поет Богомил, а говореше претседателката на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, Елизабета Шелева.