Шкупи во хаос – тежок пораз од Шкендија
Кризата во Шкупи продолжува, а тоа најдобро го покажа стартот на новата сезона во Првата македонска фудбалска лига. Тимот од Чаир доживеа катастрофален пораз од 5-1 на гостувањето кај Шкендија, настапувајќи со речиси целосно младински состав. Засилувањата кои клубот ги донесе летово не беа ниту во комбинација, а на теренот како „сениори“ настапија само голманот Гроте Максимилијан, Сухељ Мухарем, Џихан Адили и капитенот Али Адем.
Симболична клупа и без искуство
Состојбата е толку сериозна што на клупата за резерви имаше само тројца фудбалери – двајца од нив голмани – што овозможи само една можност за измена. Најстариот играч на теренот беше Адем, роден во 2000 година. Овие околности отвораат прашање дали Шкупи воопшто ќе успее да ја доврши сезоната и да остане во елитата.
Причини за револтот се повеќе. Она што е јавно познато е дека во клубот нема пари. Алармантна е ситуација во Шкупи, а како што се пишува по медиумите фудбалерите не добиле ниту една плата во календарска 2025 година. Од сопствениците кои ветуваа многу, засега ни трага ни глас. Дали го очекува иста судбина како Воска и Гостивар?
Шкупи во хаос – Навивачите „Шверцери“ си заминаа со порака
На гостувањето во Тетово пристигнаа и најверните „Шверцери“, но не останаа да гледаат до крај. На стартот на второто полувреме тие си заминаа, оставајќи транспарент со остра порака до управата: „Ви верувавме на зборовите, ни продадовте лаги. Шкупи не е место за измамници“.