Заедништвото е силата на Гостивар, политиката на поделби само ја разединува државата

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска се обрати на граѓанска трибина во Гостивар, истакнувајќи дека национализмот на власта служи за прикривање на нивната неспособност. Тој нагласи дека политиката на поделби ја користат за да ја сокријат својата неспособност, додека заедништвото е вистинската сила за развој на општеството.

„Овој град знае дека силата е во заедништвото, не во поделбите,“ порача Филипче на трибината, истакнувајќи дека власта намерно разединува за да ја сокрие сопствената неспособност.

„Тие што денес владеат се обидуваат да не разделат – со лаги, со поделби, со национализам што треба да ја прикрие нивната неспособност“, рече Филипче.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ заборавила најважната лекција од историјата – дека заедништвото е силата на оваа земја.

„Нивната политика е политика на поделби, на дестабилизација, на навреди. Политика која секогаш завршува со тензии во општеството“, потенцираше тој.

Филипче го истакна Гостивар како симбол на соживот, достоинство и почит меѓу луѓето и најави дека токму од тука ќе започне обновата на системски разорените вредности.

„А Гостивар е симбол на спротивното: на соживот, на почит, на достоинство. И токму затоа, одовде, од градот на гостопримството, ќе почнеме да ја враќаме топлината во државата, правдата во институциите и вербата во иднината“, заклучи Филипче.